Авулзија или трауматско избивање на заб

Авулзијата или трауматското избивање на заб претставува еден од најдраматичните облици на повреда на забите при која настанува физичка траума во пределот на лицето и вилиците и доаѓа до паѓање на заби од вилицата. Губењето на забите обично е проследено со гребаници, расекотини и крвавење во пределот на лицето и устата. Поради големите повреди, родителите го забележуваат губењето на забот дури откако ќе дојдат кај докторот. Авулзијата како траума може да се случи и во млечна и во трајна дентиција.

ШТО ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ ВО СЛУЧАЈ НА АВУЛЗИЈА?

Со оглед дека оваа ситуација може да се случи секаде, детето може да биде со или без родителите односно во училиште или во градинка, потребно е да бидеме подготвени и запознаени што треба да направиме во таа ситуација. Прво треба да останеме присебни, да не паничиме, да видиме со какви повреди се здобило детето, дали се опасни по живот, дали детето има симптоми на амнезија, дали има несвестица, повраќање, главоболка односно прво да исклучиме повреди од невролошки аспект.

Штом се исклучи постоење на сериозни и повреди опасни за живот, треба да ја прегледаме устата и да утврдиме дали се сите заби на број. Доколку некој заб или неговата круна недостасува потребно е веднаш да се побара забот во околината каде се повредило детето. Доколку се пронајде забот надвор во средината, многу внимателно треба да се измие со ладна вода, да се отстрани површинската нечистотија, но без механичко триење по коренот и веднаш да се втисне во алвеолата назад. Оваа постапка ретко се спроведува, бидејќи во тој момент децата се исплашени и не сакаат да соработуваат. Затоа реимплантацијата односно враќањето на забот во алвеолата најдобро е да го направи стоматологот.

Најдобра прогноза за реимплантирање е од 30 до 60 минути од настанатата повреда. Многу е важно и како ќе се транспортира забот. Најдобро е тоа да биде во влажна средина (физиолошки раствор, вода, млеко). Физиолошки раствор може да се добие ако во 200 мл вода раствориме една лажичка сол. Она што никако не смееме да го направиме е механичко чистење на површината на коренот, бидејќи на тој начин ќе ги отстраниме клетките кои се важни за сврзување на забот со алвеолата. Освен тоа, забот не смее да се суши ниту да се пренесува во газа или материјал. Тоа може да доведе до дехидратација на живите клетки на коренот кои се важни за сврзување со алвеолата.

ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИМЕ ВО СЛУЧАЈ НА АВУЛЗИЈА?

Најпрвин треба да знаеме кога настанала повредата, како, колку време поминало и да направиме рентгенска снимка. Ако нема дополнителни повреди и фрактури и ако е поминато помалку од 2 часа од повредата, веднаш започнуваме со третман на реимплантација односно враќање на забот во алвеолата. Ако е времето поминато од траумата подолго од 2 часа, шансите за успешна реимплантација се помали.

Треба да имаме податок на каков терен се случила незгодата, бидејки ако забот паднал на нечисто место или површина заразена со бацилус антрацис ќе треба да спроведеме профилакса за тетанус и да ординираме антибиотици. Најпрво ќе го исчистиме местото, алвеолата со газа со физиолошки раствор, за да ја исчистиме нечистотијата и крвните коагулуми. Потоа ќе аплицираме анестезија за безболност и забот претпазливо ќе го вратиме во алвеолата. Кога ќе го вратиме забот, ќе го фиксираме во таа позиција со жичано-композитна лигатура сплинт, која ќе стои во устата 2 недели, време колку што е потребно влакната од пародонталниот лигамент да се обноват и да се зацелат. Задолжително е тој период да се конзумира исклучиво мека и кашеста храна и редовно да се одржува хигиена со меки четки и млака вода.

Ако е реимплантацијата направена кога е апикалниот отвор на забот широк, можеме да очекуваме реваскуларизација на пулпата. Целосно функционално опоравување ќе очекуваме по 35 дена од реимплантацијата.


Пишува:
Д-р Катерина Цаноска Верушевска