Винири без или со минимална подготовка, што треба да знаете?

Постојат неколку опции за изработка на керамички надоместоци кои спаѓаат во козметичката стоматологија, со минимална подготовка или без подготовка, меѓу кои се ламинатите, достапни за пациенти кои бараат алтернатива на традиционалните порцелански забни надоместоци и за кои композитното врзување не е опција.
Но, не сите случаи се погодни за изработка на ваков тип надоместоци. Како и традиционалните порцелански изработки, алтернативите со “no-prep” или минимална подготовка се врзуваат со адхезив на фацијалната површина на забот. Ваквата алтернативна метода обично не бара од стоматологот да одземе од забното ткиво за правилно да го постави надоместокот. Во некои случаи, сепак е потребно минимално одземање од забната површина.
Кај некои пациенти, пак, при постава на ваквите „no-prep“ винири не е потребно аплицирање на локална анестезија, што ја прави целата процедура многу брза и прилично комфорна.
Порцелански винири vs. ламинати
За поставување на традиционалните порцелански/керамички надоместоци потребно е да се одземе од забното ткиво, некогаш дури и целосно отстранување на целиот слој глеѓ, процедура со неповратни последици. Некои порцелански протетички надоместоци кои се достапни денес може да бидат поставени целосно на глеѓта без препарација или со минимално инвазивна постапка.
Исто така додека за поставување на традиционалните порцелански надоместоци, е потребна апликација на локален анестетик, кај ваквите алтернативни изработки можно е да нема потреба од анестезирање доколку стоматологот е во можност да го постави винирот на самата глеѓ. Степенот на сензитивност кај самиот пациент, ќе зависи од тоа дали ќе се употреби анестетик или не.
Кај пациенти каде е потребна минимална подготовка, како што е кај ламинатите, се јавува и можна потреба за модификација на забот зависно од состојбата или позицијата на забот кој ќе биде третиран. Ваквите модификации се минимални и зафаќаат само слој од глеѓта, без пенетрација во дентинот (слој на забот под глеѓта).
Винири, се стоматолошки надоместоци во вид на тенки навлаки направени во бојата на забите. За разлика од класичните коронки, винирите ја прекриваат само предната страна на забот. Со самото тоа, при изработката на овие надополнувања се отстранува многу малку од забната супстанца. Ваквите надоместоци се идеален избор за предни заби, т.е. кај сите случаи каде што пациентот не е задоволен од изгледот на своите заби. Винирите главно се прават од керамички материјал, иако можат да се изработат и од сврзувачка смеса. Во секој случај, материјалот од кој се изработуваат винирите се карактеризира со голема проѕирност, што на овие надоместоци им дава природен ефект.
Козметички стоматолошки проблеми погдни за изработка на винири без или со минимална подготовка
Винири без или со минимална подготовка се погодни за возрасни и адолесценти кои бараат ефективна замена за некои козметички решенија или дентални состојби, вклучувајќи:
- Напукнати или скршени заби
- Заби со мала дисколорација
- Простори (дијастеми) меѓу забите
- Неправилно поставени заби во забната линија
- Истрошени заби
- Мали заби
- Подобрување на веќе привлечна насмевка во „Холивудска насмевка“
Важно е да се напомене дека ламинатите или останатите винири без подготовка, не се единствените (или најпогодните) алтернативни решенија во козметичката стоматологија кај секој случај на дисколорирани, напукнати, неправилно поставени или заби со променета форма.
Додека винирите кои често се нарекувани и „инстант ортодонтски протези” и честа опција кај малку закривени заби, не се препорачуваат при случаи на посериозно изместување на забите од забната линија. Во вакви ситуации и покрај подолготрајниот третман, стоматологот може да препорача поставување на класични ортодонтски протези или „Invisalign“ протези. Дополнително, ако вашата цел е постигнување на побела и посјајна насмевка, вашиот стоматолог може да препорача и белеење на забите во ординација или дома или комбинација од двете.
Уште една алтернатива на порцеланските винири е „композит бондинг техниката“, користена од стоматолозите за креирање на композитни винири директно на забот во стоматолошката ординација. Во некои случаи и кај оваа техника потребна е минимална подготовка на забната површина.
За да детерминирате дали сте кандидат за винири без или со минимална препарација, посетете го вашиот стоматолог кој ќе изврши темелен преглед. Тој ќе ви укаже и ќе ви ги објасни вашите специфични козметички и дентални проблеми. Исто така ќе ви ги објасни и останатите козметички опции кои ви стојат на располагање.
Пишува Д-р Кирил Мандулоски
Стоматолошки центар „Д-р Баткоски