Q&A: Како забниот камен влијае на оралното здравје?

Прашање: Како забниот камен влијае на оралното здравје и како се спречува и лекува?
Александра

Одговарa: д-р Викторија Ническа – доктор по општа стоматологија Стоматолошки центар Д-р Баткоски

Забниот камен претставува индиректен фактор во појавата, развојот и повторната појава (рецидивите) на гингивалната и пародонталната болест. Неправилната и нередовното одржување на оралната хигиена доведува до создавање на забни наслаги и нивно наталожување. Присуството на плунка доведува до минерализирање на овие меки наслаги и претворање во цврсти наслаги кои го претставуваат забниот камен. Тој може да биде локализиран над непцето на забот (супрагингивално), кој е видлив со голо око, и под непцето на забот (субгингивално), кој е прилепен за коренот и вратот на забот и не е видлив.

Субгингивалните конкременти содржат патогени бактерии кои предизвикуваат инфламација и деструкција на гингивалното ткиво и водат до појава и продлабочување на пародонталниот џеб.

Забниот камен има цврста структура и во домашни услови тој не може да се отстрани. Професионалното машинско отстранување на забниот камен овозможува создавање рамни забни површини и на тој начин се пречува наталожување и акумулација на бактериски маси. Докажано е дека со нагласено внимание за одржување на добра орална хигиена и рутинско отсранување, демонстрирани се пониски нивоа на забен камен во подолгорочен временски период.