Q&A: Проблеми со млечни заби?

Прашање: Што треба да се прави при оток и забоболка на млечни заби?
Роберт
Одговара: Д-р Катерина Цаноска – Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“
Кога ќе се расипат млечните заби, можат да предизвикаат голема болка и нелагодност. Кога имаме длабок кариес на млечниот заб кај детето обично се јавува болка кога јаде кисела, топла и блага храна. Во тој случај забот има големо оштетување во кое се задржува храна. Болка може да се јави кога остатоците на храна заглавени во кавитетот ја иритираат пулпата (нервот) на забот.
Лечењето на таквите млечни заби е постепено, повеќекратно и започнува со отстранување на кариесот, поставување на лек за умртвување на нервот и привремена пломба. Кога ќе се умртви нервот, се чисти кариозното ткиво и се става трајна пломба.
Во случај на гноен оток – апсцес, кој предизвикува болка при џвакање, првично треба да се отвори млечниот заб за да се овозможи истекување на гнојната колекција и се препишува соодветен антибиотик за да се спречи ширењето на инфекцијата. Така отворениот млечен заб треба добро да го чистиме од остатоците од храната за да може постојано да се дренира содржината од просторот околу забот, а потоа се пломбира. Секако, ако воспалението повторно се појави, поради општото здравје на детето, забот ќе треба да се извади.
Воспалението на млечните заби не е едноставно. Затоа, драги родители треба да се обрне големо внимание на хигиената на млечните заби и, почесто, уште од никнување на првиот млечен заб редовно да се посетува стоматолог.