Q&A: Дали млечните заби треба да се лекуваат?

Прашање: Дали млечните заби треба да се лекуваат?
Антонела
Одговара: д-р Владимир Новакоски – Стоматолошки центар Д-р Баткоски
Доколку млечните заби не се лекуваат, тие стануваат жариште на хронични инфекции и потенцијална опасност за трајните заби. Млечните заби се чувари на просторот за трајните заби и овозможуваат нивно идеално распоредување. Детето учи да џвака благодарение на млечните заби, кои се неопходни за правилен развој на говорот.
Првите заби се расипуваат поради шеќери, храна, разни напитоци, користење на цуцла и недоволна хигиена на усната шуплина. Дополнително плунката кај децата има помалку од половина одбранбени антитела отколку онаа на возрасните.
За да се спречи кариесот кај децата, најважно е да се спречат штетните навики – внес на шеќери навечер, засладените напитоци да се разредуваат со вода и да се намалува внесот од ден во ден. Следен чекор е запознавање на детето со начините на одржување на хигиената. Во борбата против кариесот може да помогне и премачкувањето на забите со флуор.
Истражувањата непобитно покажуваат дека искуството на детето од првите посети на стоматолог остава неизбришлива трага и влијае на неговите навики кога ќе порасне. Функцијата на варење на храната директно зависи од здравјето на забите, а тоа е од посебно значење за децата. Дете кое има здрави и убави заби почесто се смее, посоцијализирано е и емоционално послободно.