Зошто е потребен интерцептивен (ран) ортодонтски третман кај мали деца?

Интерцептивната ортодонција има за задача да ги препознае потенцијалните неправилности и малпозиција на забите во почетната фаза на развојот (во период на млечната дентиција). Mерките се спроведуваат во време кога малоклузијата се развива или е веќе развиена, со цел да се спречи овозможување на малоклузија во потежок облик.

Почетокот на терапијата зависи од типот на неправилноста, како и од физичката и од емотивната зрелост на детето која е важна поради соработката со него за време на истата. Имено, во периодот на тинејџерските години, 90 % од растот на лицето е завршен и на тој начин значително се редуцира влијанието кое би можел да го има ортодонтот. Од објавените истражувања, 14 % од пациентите со малоклузија може успешно да се третираат само со интерцептивна ортодонција, додека дури 50 % од пациентите би имале корист од интерцептивната терапија.

Со рана ортодонтска терапија може да се корегира и да се води растот на вилицата што придонесува забите да еруптираат во поволна позиција, да се регулира ширината на горниот и долниот дентален лак, да се направи повеќе простор за трајните заби кои треба да никнат и да се намали можноста за појава на инпактирани заби, да се избегне понатамошна екстракција на трајни заби, да се корегира навиката на цицање на палец и други лоши навики и да помогне во корекција на мали проблеми во говорот.

Во интерцептивни мерки спаѓаат т.н. држачи на простор и „Myobrace“ – силиконски протези и др.

Денес, многу често е застапена предвремената екстракција на млечни заби, кои доведуваат до развој на аномалии. Во тие случаи, се изработува држач на простор. Оваа направа се користи и при предвремен губиток на млечни заби, особено млечните молари, бидејќи треба да се води сметка за времето на ерупција на нивните трајни заменици.  На тој начин го чува просторот каде што треба да никне трајниот заб –заменик. Држач на простор се применува доколку времето на ерупција на забот е подолго од 6 месеци.

Myobrace претставува миофункционална силиконска направа за рана ортодонтска терапија. Ја користи мускулната сила за насочување на забите во правилна положба во период на нивно никнување. Може да се користи во доцна мешана дентиција или рана трајна дентиција. Постојат повеќе различни комбинации на модели и величини, па можно е да се избере оној кој најдобро му одговара на пациентот. Оваа направа е дизајнирана да ги спречи лошите навики на децата и да ги стимулира да дишат на нос, јазикот да го постават во правилна положба, правилно да голтаат, да ги држат усните коректно затворени. Исто така ги развива горната и долната вилица во правилна положба и големина, со што се создава простор за правилно никнување на трајните заби. Се носи за време на спиење, преку ноќ и преку ден по неколку саати во зависност од активностите на детето.

Денес, апаратите за рана терапија ги има сè повеќе. Повеќето се миофункционални и тие се едноставни за користење, но потребна е и соработка на пациентот, за да се постигне посакуваниот ефект.

Пишува: Д-р Викторија Ническа

стоматолошки центар Д-р Баткоски