Гингивитис, појава, форми и третман

Гингивитис или воспаление на непцето се карактеризира со класични знаци на црвенило, оток и губење на коралната површина и цртите на непцето. Не постои загуба на коска и подвижност на забите. Се појавуваат џебови кои се лажни, предизвикани од отокот на непцето кој може да биде едематозен или фиброзен по природа.
Постојат повеќе типови на гингивитис, вклучувајќи ги акутните и хроничните форми:
Акутен трауматски гингивитис – може да биде предизвикан од физички, топлински и хемиски фактори. Дијагнозата се потврдува зависно од изгледот на лезиите. Најчесто се јавува од траума при четкање на забите, особено при користење на тврда четка, ставање остри предмети во уста, тврда храна. Термичките причини се поврзани со врела храна.
Акутен неспецифичен гингивитис – состојба која настанува како акутна егзацербација на постоечки хроничен гингивит. Асоциран е со намалување на отпорноста на организмот.
Акутни хиперсензитивни реакции кои доведуваат до гингивитис – се најчесто реакции на составот на забните пасти или козметички производи.
Акутен некротизирачки гингивитис – се карактеризира со некротизирани интердентални улцери кои се шират кон другите делови на гингивата. Улцерите се покриени со псевдомембрани. Гингивите со многу болни на допир и лесно крварат. Може да има оток и болки на регионалните лимфни јазли.
Акутен херпетичен гингивитис – е асоциран со постоење на инфекција со херпес симплекс вируси и настанува најчесто во детска возраст, при тоа се појавува воспаление на целата гингива во устата и дополнително формирање на мали везикули.
Хроничен маргинален гингивитис – докажано е дека е инициран од плак депозити на забите кој развива грам негативна анаеробна флора, која предизвикува деструктивни промени. Може да варира од мала промена на непцето до тешка со спонтани крварења. Најчесто е без симптоми и поголем дел од пациентите се несвесни за неговото постоење. Повремено се јавува крварење на непцата, појава на црвенило, промена на структурата и губење на тенките гингивални краеви.
Третманот се состои во поттикнување на мотивацијата на пациентите со цел унапредување на оралната хигиена, инструкции за правилна орална хигиена и поврзување на состојбата со точниот фактор што ја предизвикала. Техники на миење на забите со четка, чистење на интерденталниот простор со конец и интердентални четки и средства за намалување на плакот. Потребно е професионално чистење на супрагингивалните и субгингивалните конкременти, како и отстранување на „стапалки“ и заменување на лоши реставрации.
Пишува: д-р Владимир Новакоски доктор по општа стоматологија Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“