EverStick – нова надеж по губењето на преден заб

Недостатокот на некој заб, особено доколку се работи за заб во фронталната регија најчесто е непријатно и трауматско искуство за секоја индивидуа. Имено по вадење на заб неопходно е да поминат и до 3 месеци пред да се направи дефинитивна мостова конструкција или пак да се постави имплант, односно до комплетно заздравување на непцето и коската. Естетскиот и психолошкиот момент не се оправдување за да се одложи вадењето на тешко заболен заб, заб кој неможе да се лекува или кој е премногу разнишан, затоа што веќе ни се достапни алтернативи.

Еден од методите за изработка на привремен мост во економски неповолни услови е употребата на специјални стаклени влакна – Ever Stick на компанијата GC. Со една ваква стаклена лента сосема поволно и минимално инвазивно може да се премости дефектот и над оваа лента да се измоделира заб идентичен на изгубениот, изработен од пломба(композит) и тоа во една посета само неколку часа по вадењето на забот. Ваквата индивидуално адаптирана конструкција на стаклена лента може да се применува како во предната така и во постериорната регија.

Свитливоста на лентата, лесната адаптација, а потоа нејзината карактеристика да под полимеризационото светло добие голема цврстина и отпорност ја прави идеална и во други ситуации каде секако приоритет е зачувување на забите и нивно ојакнување:

  • Периодонтален сплинт – при овај третман всушност се појачуваат пародонтопатичните заби (долни или горни), кои поради преголемо губење на коската се доволно разнишани за да ви предизвикуваат нелагодност и болка, а сеуште може да се одложи нивното вадење. Ваквата стаклена лента се прилепува на внатрешната страна од забите, се полимеризира и инстантно и ефикасно го фиксира блокот заби.
  • Лабијален сплинт на трауматизирани заби – децата се најчесто пациетите кај кои се применува овој сплинт, затоа што и најчесто имаат несреќни падови и повреди на предните заби. Без разлика дали забите при падот на детето се скршени, разнишани или дури има и некој одпаднат заб, поставувањето на сплинт е прв пристап за лекување. Ever Stick уште наречена и лента од стаклени влакна е одлична замена на металните фиксатори, особено поради тоа што овој тип на сплинтови се поставуваат на предната страна од забите.
  • Индивидуално колче – Во ситуации кога коренот на забот е добро излекуван и здрав, а делот од забот кој го гледаме во устата е премногу оштетен или скршен повторно се отвара можност за одложување навадењето и зачувување на забот. Стаклената лента во овие случаеви успешно ги заменува фабрикатните колчиња со своите предности-адаптибилна во каналот, помало струшење на внатрешноста на коренот, порамномерно пренесување на притисокот во џвакање.
  • Естетски ретејнер – Повеќе од позната е потребата од поставување на ретенционен апарат – сплинт или мобилна протеза по завршувањето на ортодонтската терапија, со цел зачувување на позицијата на забите и нивно стабилизирање. Ever Stick лентата се поставува на внатрешната стана на првите 6 заби и нејзината цврстина го осигурува ефектот од носењето на фиксниот апарат. Одлична е и естетска замена за металните ретејнери, и далеку попријатна од мобилните протези.

Накратко, можностите на стоматологијата од ден на ден се повеќе се прошируваат. Стручниот тим во стоматолошкиот центар „Др. Баткоски“ следејќи ги најновите технолошки дострели ви го зголемува изборот на решенија, а решение мора да постои за секој проблем. Одберете го најдоброто за вашите заби.

Пишува:
Др. Кирил Мандулоски