Четка за заби – Како правилно да ја изберете?

Веројатно повеќето од нас ретко се интересираме околу четката за заби – од кој материјал е изработена, како треба да се користи и која е воопшто соодветната четка за нас итн.
Археолошките истражувања покажуваат дека четки за заби биле користени од пред повеќе од 5000 години од нашите предци. Во тоа време тие ги отстранувале остатоците од храна со помош на меко парче дрво, обично гранка, џвакано или мелено на едниот крај. На тој начин дрвото се делело на влакна кои се користеле за чистење на забите. Дизајнот значително се подобрува пред околу 150 години кога се создадени првите вистински четки за заби кои се состојат од дрвена рачка на која биле прикачени влакна од свиња. Четката за заби го добива својот модерен изглед во 1938 год., кога дрвото и крзното се заменуваат со синтетички полимери – добро позната пластика која е симбол на современото и модерното.
Кои се суптилните детали при изборот на четки за заби?
Денес се користат два главни типа на четки за заби – електрични и рачни. Тие се достапни во различни големини и со различна цврстина на влакната. Без оглед на видот на четката, врвот треба да ги достигне сите заби, обезбедувајќи целосно отстранување на остатоците од храна на забите. Според повеќето стоматолози електричните четки се поефикасни во тој поглед.
Влакната мора да бидат доволно тврди за да обезбедат ефикасно чистење, а сепак да не го оштетат нежното ткиво на непцата. Кај одредени групи пациенти како оние со гингивитис или периодонтитис потребно е да се користат специјални четки за заби кои ги штитат воспалените непца без да предизвикаат дополнителна иритација.
Поради огромната разновидност на производи, од кои сите и не се квалитетни, а некои потенцијално и опасни, добро е пред да се купи четката да се погледне пакувањето за сертификат и за контрола на квалитет од надлежни институции. Сите компоненти и процеси вклучени во производството на четките за заби се предмет на контрола на квалитетот. Покрај барањата за издржливост и антиалергиски својства на сите компоненти, за електричните четки се применуваат и дополнителни барања. Производителите на електрични четки за заби мора да докажат барем со една студија дека нивните производи нема да ги оштетуваат тврдите и меките ткива во усната шуплина како и вештачките материјали во неа (коронки, протези, пломби итн.).
Во принцип, при избор на четка за заби добро е да им верувате на производителите со истакната репутација.
Многу луѓе со намалена подвижност сметаат дека електричните четки се многу полесни за употреба. На многу деца дури им се и забавни. Без оглед на видот на четката и причините за нејзиниот избор, треба да се користи по секој оброк, по што треба и добро да се исчисти.
Чистењето и чувањето на четката за заби исто така има свои принципи. Потемелно испирање, четката треба да се остави да се исуши. Ако се чуваат неколку четки на едно место, тие не треба да се допираат едни со други. Ако се чува подолг временски период без употреба, тоа треба да се направи во сув и по можност вентилиран сад. Тврдите четки добро е да се заменат за 4-5 месеци, а меките за 2-3 месеци бидејќи влакната постепено омекнуваат и отпаѓаат, што ги прави помалку ефикасни. Детските четки можеби ќе треба да се менуваат уште почесто.
Пишува Д-р Кирил Мандулоски
Стоматолошки центар „Д-р Баткоски