Најмладите ќе се едуцираат за значењето на оралното здравје

Најновите добиени податоци за оралното здравје на најмладите говорат дека бројот на заболени заби од кариес е се помал, а се поголем успех се постигнува со заштитата на забите преку залевање на трајните заби.

Како специјалисти во детска и превентивна стоматологија во склоп на националната стратегија за заштита на орално здравје ги опфаќаме децата од 0 до 14 години. Преку цела година вршиме континуирана едукација и заштита со залевање на трајни заби. За разлика од порано децата сега повеќе се грижат за хигиената и здравјето на забите. Порано сме ваделе заб, шестка, на седумгодишна возраст, а сега е тоа реткост. 



вели д- р Вера Наумоска, специјалист по детска и превентивна стоматологија при Здравствен дом Охрид.

Стоматолозите потенцираат дека ваквите позитивни резултати се должат на националната стратегија за орално здравје и зголемувањето на свеста за здравјето како на млечните така и на трајните заби.

Црвен крст Охрид од 8-15 декември, под мотото „ЗДРАВА НАСМЕВКА – СРЕЌНО ДЕТЕ“ ќе ја одбележи Неделата на забоздравствена заштита. Планираните активности, насочени се кон едукација на најмладите од основните училишта за правилна нега на забите и подигање на нивото на орално здравје. Заеднички ќе ги реализираат тим на волонтери на Црвен крст Охрид, Одделот за детска и превентивна стоматологија при Здравствен дом Охрид и Стоматолошката ординација Баткоски.

Од стоматолошката ординација „ Д- р Баткоски“ кои по трет пат се вклучуваат во акцијата, информираа за резултатите по спроведената контрола на 163 деца во рамки на Стоматолошкиот караван. Од стоматолошката ординација „ Д- р Баткоски“  посочија на значењето на одржувањето на здравјето на млечните заби кои се значајни за развој на вилиците и трајните заби.

Кај 43 % од прегледаните деца воочени се ортодонски аномалии, естетски недостатоци  и оштетување на системот за џвакање во целина. Причини се прераното вадење на млечните заби со што се придонесува за губење на местото за трајни заби и  несоодветно развивање на вилицата, а со тоа и крива поставеност на трајните заби. Тука се и лошите навики кои доведуваат до појава на ортодонски аномалии како што се цицањето прст, цуцла, гризење долна усна. Затоа редовната посета на стоматолог овозможува рано откривање и навремено третирање на ортодонските аномалии.



потенцира стоматологот Катерина Верушеска