Испукани усни – како да се справите со нив?

Можеби со настапување на зимската сезона голем дел од вас се соочуваат со непријатно чувство на испукани и суви усни. Едно од најмасовните заболувања на усните е Cheilitis simplex.
Хеилитот може да ги зафати усните, кожата околу нив, усните агли како и вермилионот. Усните се дел од усната празнина и играат улога како преграда преку која се контролира приемот и екскрецијата на различни хранливи материи и течности. Од внатрешната страна усните се покриени со лигавица која е изградена од многуслоен плочест некератинизирачки епител. Во неа се наоѓаат мали плункови жлезди кои можат да се напипаат. Кожата преминува во лигавица по работ на усните. Лигавицата е богато снабдена со крвни садови поради што има и црвеникава боја. Редица болести на крвта и крвоснабдувањето може да ја променат бојата на лигавицата што има важно дијагностичко значење.
Обичниот хеилит може да ги засегне двете усни кога карактеристичните симптоми се напукнување,набраздување и одлуштување на кожата на усните. Може да се појави и оток на усните,еритем (црвенило), формирање на були и папули (топчести формации), крусти и сквами (лупење на усните)-(во понапредната фаза на воспалението).
Причините кои можат да доведат до тие симптоми се:
- механички: гризење на усните,цицањето,оближувањето на усните т.е. штетните навики.
- термичките промени исто така може да имаат влијание како што е на пример прекумерната изложеност на сонце, ниските температури, студен ветер, конзумирањето на премногу ладни или премногу топли напитоци и храна.
Нормално усните имаат многу тенок слој кој ги држи постојано хидрирани. Подложувањето на штетните навики ја намалува функцијата на тој тенок слој и крајно доведува до сувост и дискомфорт на усните. Некои деца имаат навика да ја цицаат горната усна што има значење како за развивањето на кариес во раното детство така и за саливацијата на усната празнина и состојбата на усните. Кај таквите деца често се забележуваат многубројни кариозни лезии, зацрвенети, суви и испукани усни, како и ксеростомија (сува уста).
Во основа на третманот стои отстранувањето на причината за појава на заболувањето – отстранување на лошите навики, контролиран внес на ладни и топли напитоци како и контрола на трауматизирањето на усните од грицкањето. Кај ваквите воспаленија се препорачува употреба на хидрирачки, обогатени со масла козметички средства. Во почетокот терапијата може да започне со апликација на вазелин или ланолин на усните, како и локална апликација на слаби нестероидни средства против воспаление или слаби кортикостероидни масти. Кај понапредни форми може да се аплицираат и фотопротектори, силни кортикостероидни препарати и препарати од групата на антихистаминици, секако во консултација со вашиот лекар или стоматолог.
Пишува:
Др. Кирил Мандулоски